четвртак, 4. април 2019.

Блаже Петревски - Испарувања (Поезија)

Слуга 


В расцут се најдов при утрински лад
 на цвеќа во калта потопена в песна
 низ поле од метафори и неовдешен сјај 
замаен скитник со оросена коса 
милував зрна во плодот на гревот 
сеприсутен патник со пламнати очи. 
во градина помнам сред златните билја 
збиравме роса ој сакана срдбо 
ти плетеше венец од обоени магли 
јас во капут од стихови смртни 
пеш го минав небото без некој да види 
дали себе се носам зад моите стапки 
во огнот на мудрите мисли сум јаглен 
догорена самотија негувам в гради 
ја врзувам сласта за болот кој вие 
во раните зори на смртноста блага 
зад очните капаци чуден ветар вдомив 
зениците мои се само остаток 
од згаснати сонца при првиот обид 
па чекорам слеп по градот што лула 
опседнати чуда од прелеста луда 
не гледам никој што талка без себе 
исчезнете мечти на древните сништа 
проклетие барав на божјата гозба 
налевав вино во титански гради 
јас единствен слуга на престолот клет 
засолниште станав за заскитан свет.

 ------------------------------------


Бледило

Носам во раце осамени сништа 
во туѓа земја да дарувам цвеќа 
под мојата шапка не постои глава 
облак од мирис на залутани јата 
кружи во сртот на смртниот венец 
под балконот кој мавта со рака 
последен поздрав од окото сино 
фрлено в бескрај на трепетна скала 
молитво света успокој го сега. 
жарта и пепелот мои се браќа 
премрежје свето на распаќе брои 
колку дни не китела радосна мака 
жалта ја запретавме во старата кула 
од енормни мечти на растопен хаос 
заклучувам сенки од идните мигој 
во смрзнати води на ведрина жешка 
со ѕвонец во рака од времето скинат 
влегов во градот на новите утра 
да разбудам сон кај бози кои спијат.

 -------------------------------------- 

Пустина 

Овие пустини ги нареков свети 
не тече миро по коските трошни 
крвта болот на правта го мие 
причесна спремам во напуштен предел 
во мантија кална од дождови лански 
гости чекам во одајата на плачот 
треперлив скроен од тишина мрачна. 
свеќи запалени во прозрирни гради 
на секнати води крај изворот ранет 
песок топат врз две снежни капки 
на променет мраз со огнени усни 
пред народот изрбран со отсутни сенки. 
Молскавично тршетат камбаните будни 
Во слепиот призрак на вечната рана 
Опиени звуци пред занесот горат 
на овие раце со воскреснати прсти. 
Изгорете сништа и стремежи вие 
Во огнот на вечната спокојна смеа 
 Ни обала има ни вода крај неа 
Пустина со очи на светица грешна 
Го испиша крајот на мраморна плоча 
Со камени слова ко сенката моја 
Во убоста своја за навек те љубам 
О пустино ширна со крвави трепки. 

 ------------------------------------- 

 Портрет

Светот е одаја тесна во песна 
солза што ѕемне во виспрени зори 
сред улични стада на ветрови крилни 
уловив капка со заматен лик себе 
се видов на образот матен 
раскрилен самјак пред овални јата 
насликан во рамка од идното време 
со сонце на рамена и тага распослана 
на видикот сјаен во мракот што иде 
да изгори светлост во зраците свои. 
влегов со лекост во одсутен мирис 
на незнаен цвет за своите сестри 
заводник без лик од нивните сништа 
мртовец во болните издишки на ноќта 
капка во океанот заборав што бара 
откината ѕвезда што небото го пара

 ---------------------------------------- 

 Децата

 Ги потпалувам јагленчињата
 со пламенот на магијата 
мислите догоруваат во својата форма 
ја отсликуваат свеченоста на боите 
децата на брегот со јадица ги ловат 
плетат мрежи од виножита 
извлекоа подводни сништа 
 незадоволни од пленот 
тажно заминаа во друга земја 
изградија кули од песок 
и зајдоа во занесот на играта. 
волшебноста остана да спие 
 на стариот заборавен кеј. 

 ----------------------------------- 

 1. 

Во пеплта бледа ти нацрта живот 
оскорушен вител од сончеви пранги 
вдахнат од огнот праисконски леден 
вител од сништа на пенливи далги 
и позајми жарче од духот на мразот 
кој пука во оквир на пискотот леден 
со вжарени усни во каминот ѕвезден 
гори на вечноста последниот здив 
ти допира лице ој синило ладно 
на мислата џину смртоносно жив 
та изгори сега во занесот врел 
на  твоите сенки под копнежот бел 
пред дивите чувства на старата рана 
о колку си мал а колку си зел о
од насмевот плашлив на другата страна 
низ кикот што вее незапирлив Од 
по мирисни патој на сетилен стон 
истрошен ветрот од запален ѕвон 
со стапала нежни кон пламенот ита 
гаснејќи го огнот во душата сита 
на жарот од овие води што чита 
ко библиско слово неисцрпни думи 
испарени неба на врелиот стремеж 
во танцот на чадот од оваа суша 
кај последно смртта испушта душа.


 7.

празно е овде во стариот храм
под правта на светите списи од вчера 
молчат јунаците премногу гласно 
тажни се нивните радосни дела 
неми и тмурни мислите гледам 
горат во огнот на Вечните води 
бистри ко пепел од свежина чиста 
врамена во бледите зеници на Христа.

 ----------------------------------------- 

Талкач 

Со изгорен стремеж талкањата беа 
кога повикуваше крвта да се слави 
по течението на тротоараот од јаглен 
кој огнот го крие во подземен амбис 
и тогаш те допре птицата плачна 
радоста в клун ја носеше тажна 
веруваше дека невербата е верба 
опиен од песни на мртвите јата 
го кинеше небото со погледот светол 
и посака флејта од светлосен бигор 
да пее за смртта тој живот вечен 
што умира со секој звук од неа роден 
та талкаше така низ царствата земни 
од калта во злато што пресушно сјае 
а знаеше сам дека бунт е на сништа 
стремежот древен на аскетот буден 
кој заспал на карпа од езерска пена 
во која се капат огнови древни 
и таму во занес се разбуди сонот за 
пепел да зароби од дамнешни искри 
кој пловат во океанот на пркосна свест 
а брегот го нема, некој го земал 
го однел на остров од отровни билки 
и невкусно знаење вкусил во скутот 
на идниот премин во ланските очи. 


 

петак, 23. октобар 2009.

Славе Ѓорѓо Димоски

Матно стакло

Низ матното стакло
Го следам познатиот рид
Ги изгубил острите контури
Скоро ќе го голтне магла

И

Потонав во кафезот на собата
Притиснат меѓу ѕидовите
Губејќи ја смислата
За каква и да е метафора

Чувствував - длабока
Празнина низ која се залетувам
Пробивајќи го тврдиот ѕид

...

Понекогаш имајќи го јазикот
Како единствена решетка за кафез
Погледнувам длабоко во себе
Како низ матно стакло


---------------------------------------------------

Епизоди од детството

Детството не ми постоеше
туку еден облак оседлан
по небото што галопира

И еден ветер што го врзував
за дрво И твоите раце
и твоите раце Татко!

Детството не ми постоеше
туку стапалки по снегот
по белиот снег

И еден цвет постојано што се отвораше
во снегот И твоите очи
и твоите очи Татко!

Детството не ми постоеше
туку еден извор постојано
што ермореше низ карпите

И една птица што пееше на трнот
со блескави и сјајни крила
И твојот глас
Твојот жив пламен!

Славко Јаневски

ТАКА ПЕЕЛЕ ТРУБАДУРИТЕ

Сама црква. Крст од сабји криви.
Продолжува:
сите мртви вечерва се живи.

Мртви коски над нив живо месо
Млада риба во сон е на песок.

Кула-спомен. Густи води тежат.
Зачудува:
ѕвезда спие во рибарска мрежа.

Луда луна. Рог на јарец свиен
од грозд кисел жедта вино пие.

Од дно извор Свети Климент зрачи.
Повикува:
да се пие на охридски начин.

Ноќ е. Толку. Од скок мугра стаса.
Црни кози бело небо пасат.

Ацо Шопов

Ќе те сретнам после многу лета,
после многу премрежја и дни.
Снежен повид в коси ќе ми цвета,
снежно-бела ќе бидеш и ти.

Без возбуда, без болка, без трепет
ќе ме плисне твојот леден сјај,
и срцето завејано в пепел
рамнодушно ќе прошепне : крај.

Сал можеби на лицето бледо
горчлив осмев ќе се јави пак:
на чувствата изгаснати - сведок,
на страстите истлеани - знак.




Долго доаѓање на огнот

1.

Тука е тој оган под овие улави води,
под овој бигор и зло самото што се плоди.

Под овие води тешки и зрели
тримеѓница црна црно што ги дели.

Под овој венец од сончеви глави,
под оваа далга со карпи што се дави.

Под овој екот, заклињања и злоби,
и ова дрво на брегот од дамнина што коби.

Тука е тој оган под оваа кожа,
под овие тримеѓници, овие три ножа.

Секогаш и сегде семожен и морен,
ѕвезда е во срце и мрак е во корен.


2.

Копај,
ископај го.

Од вруток до уток,
од грст до крст.

Од подземнина до изѕемнина,
од брат до тат.

Од светилка до бесилка
од реч до меч.

Копај,
ископај го.


3.

Не ќе го ископаш ти никогаш тука.
Еве го сраснат со прастара бука.

Меѓу три стебла се ниша во лулка.
Ветар е црвен во секоја булка.

Воин во црква на икона стара.
Исчезнат говор себе што се бара.

Еве го, клекнат ко занесен голтар
својот збор го длаби во резба за олтар.

Во себе копај, под својата кожа,
под трите лузни, под трите ножа.


4.

Копај,
ископај го.

Од селишта до пепелишта,
од боска до коска.

Од бог до глог,
од жетва до клетва.

Од белег до лелек,
од канија до востанија.

Копај,
ископај го.


5.

Не ќе го ископаш никогаш ни со грабежи диви.
Ни мртвите се мртви ни живите живи.

Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна.
Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна.

Не им е тежок гробот мртвите кајшто лежат.
Песните што ги пеат на живите им тежат.

Не ќе го ископаш огнот ни да векуваш тука.
Тоа е тој светец од икона што пука.

Тоа е тој камен на сите мртви зглавје,
таа трпеза ѕвездена, таа болест и здравје.

Тоа е таа магија, таа крв чуда што прави,
што лекува од рани и што симиња глави.

Под своите лузни копај, под ножот што те служи,
огнот е во твоите очи и пожар од бунт на ружи.


6.

Копај,
ископај го.

Својата последна клетва реките ќе ја речат,
и ќе секнат, ќе престанат да течат.

Небото ќе се сруши.
Ќе се стркалаат планини. ќе завладеат суши.

Ќе се измешаат ѕвезди и ѕверови, отрови и ниви,
и нема да се знае повеќе ни кои се мртви ни кои се живи.

Копај,
ископај го.


7.

Додека под себе копаш над тебе тој ќе се јави
и една мртва глава на рамо ќе ти стави.

Огнот низ краишта тајни заслепен ќе те носи,
и нема да се прашаш каде си, кој си, што си.

Овде е, во овој корен, во овој молк што свети
и нема својата светлина никогаш да ја сети.

Тој на секое дрво со секој мртов виси.
Тоа сме ние, тоа сум јас и тоа ти си.

И кога таков личи на глас што сам се гаси,
од некоја вишина глува повторно ќе ти се гласи.


8.

Во себе копај, под својата кожа,
под црното сонце на трите ножа.

Тука е тој оган под овие улави води,
во оваа утроба гладна гладен збор што роди.

А може и ѕверот во дувло да го скроти,
да раскине, да здроби, да убие и сплоти.

Со него за убост поубав е цветот,
без него за цел свет посиромав светот.

Крстот ни е лесен, пепелта не ни е лесна,
мртвите ќе умрат со нас и со нашата песна.



САМ СО СВОЈОТ ПЛАМЕН ВО ГРАДИТЕ


Сам сум заробен во зелената одаја на дворот.
Нема никого:ни пријатели, ни блиски ни непознати.
Се е смирено. Само тишината ги демне и ги лови
немирните шумови на лисјето и веднаш ги скаменува.

Ноќта се отвора благородно како цвет што разденува.
Пука некоја невидлива пупка на црвен трендафил
и од пукнатите лисје ѕирка пожар со црвено лице.
Пупката расте, се шири и сиот двор го ожарува,
но за миг црвениот трендафил исчезнува и пожарот
згаснува.
А црвениот пламен го бара местото во моето срце
и таму полека во огромно пламено дрво израснува.

Сам сум заробен во зелената одаја на дворот.
Нема никого: ни пријатели ни блиски ни непознати.
Седам сам со својот пламен во градите.
Пламенот ме огрева посилно и од зборот
на поетите
исчезнати во вселената и синевината
барајќи го светот на убавината,
непозната и ненадмината.

Црвениот трендафил како крв се шири, истекува,
а овој пламен во градите навек тука ќе векува.




КЛОШАРСКА ПЕСНА НА ПОЕТОТ

на мојата сакана С.

Струполен паднав и лежам под ѕидините на градот
и не можам ни чекор напред нити пак назад да
сторам.
Ѕидините дишат со здивот на мојот разурнат дом,
а мојата небиднина извалкана од врвиците на рајот и
на адот
одненадеж ме удира и заслепува како некој штотуку
пробуден гром.
Како да станам и да се борам? Треба да станам и да се
борам...

Станав ли, не ли? - Не знам. Но знам како
се разденив во градот на проколнатите поети.
Беше тоа час и време на еден долго смируван и
скротуван ѕвер,
Клошарски што лунѕа низ пространите чекални и сали
и ги бара и собира последните отпушоци како
реликвии стари
за кои може единствено и искрено да се жали
овде или во кој и да е Салпетриер на светот.

Љубов моја, мое од најчиста роса исковано име,
ти секој ден доаѓаш да ја смируваш твојата
неодминлива болка
додека сета утроба и целото тело ко пожар на океанот
ти гори,
земи ме, мила, изведи ме,
изведи ме под својата широка и смирувачка стреа,
изведи ја оваа птица низ леглата на пожарите,
низ леглата на пожарите од кои зеленило пука
и едно чудесно дрво разлистува и расне и живот од
небиднината смука.
Изведи ме низ леглата на пожарите
да ми испопукаат дамарите,
а јас во твојот преграб да се распрснувам како црн
балон смеа,
и животот во овој град полека да ми се гаси
за животот на ова дрво небиднина што ќе го спаси.